Мицкоски: Наместо да зборуваме за вештачка интелигенција, ние мислиме дали ќе има леб

Замрзнувањето на цените на прехранбените производи е само „ад хок“ решение, смета лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Наместо сега да зборуваме за вештачка интелигенција, ние зборуваме за тоа дали ќе имаме леб, рече тој при денешната посета на Свети Николе.

„Сите ние треба да се обединиме и да помогнеме граѓаните овие основни производи да ги добијат по најниска можна цена. Како е тоа, тоа треба Владата да ги поддржи сите оние коишто го произведуваат овој основен производ за да може граѓаните да платат најниска цена. Ние денеска, за жал, рушиме рекорди по инфлација, двојно поголема од онаа којашто ја има во Европската Унија, немаме никаква економска политка, прават гол ПР, сликајќи се по маркети со две векни леб во раката премиерот и останатите министри, наместо да го решаваат проблемот. Едно дно, сеопшто дно, едно општествено дно во кое ја турнаа Македонија“, вели Мицкоски.

Во однос на тоа дека ВМРО-ДПМНЕ е против намалување на цената на лебот, Мицкоски вели дека такво нешто нема. Напротив, тие сметаат дека цената на производите може да се намали, но само доколку им се помогне на производителите или се намали ДДВ-то.

„Таква изјава не постои, еве, јавно кажувам. Не е цената, јас би сакал ако можеме ние како држава во овие тешки моменти комплетно да можеме цената на основните артикли да ја сведеме на минимум. Впрочем, јас бев првиот којшто зборуваше за намалувањето на ДДВ-то или укинување за основните прехранбени производи.

Мицкоски посочи дека животот станува сѐ потежок за народот, но рече оти таквата ситуација ќе траела уште кратко време.

Ребека Спасова М-Нет