
Сите 11 општини од Истокот кои имаат склучено договори за електронско плаќање со банки и мобилни оператори до крајот на месец март ќе ги дигитализираат своите услуги. Електронски ќе се поднесуваат барања, ќе се следи процесот на постапката, ќе се поднесуваат поплаки, пофалби, и проблеми. Проектот „Дигитализација на општински услуги“ се реализира преку Центарот за развој на Источен плански регион, носител на истиот е општина Штип, а сите останати 10 општини од овој регион се партнери во истиот.
„Преку новата платформа граѓаните освен што ќе можат електронски да генерираат барања, ќе можат и електронски за истите да ги плаќаат предвидените административни такси, ќе можат и да го следат статусот на барањата, да бидат информирани кога нивните барања ќе бидат завршени или доколку во постапката нешто недостасува, за истото повторно ќе добијат информација. Опфатени се барања за услуги од областа на урбанизам, комунални услуги, граѓански иницијативи, барања за финансиска помош и услуги кои ги нуда инфо-центрите, како: поднеси пофалба, жалба или критика, пријави проблем и слично“, истакна Зуица Ангелова, директорка на Центар за развој на Источен плански регион.
Општините договорот за меѓуопштинска соработка ќе го случат за период од две години, а договорните страни се должни еднаш годишно да ги известуваат советите на општините за резултатите и финансиските импликации од функционирањето.
„Во моментот се работи на поврзување на активациските кодови на Општината со платформата, имаме тест-период и завршува процесот на регистрација на профилите на сите општински службеници на платформата. Проектот има за цел да ја унапреди меѓуопштинската соработка. Договорот за воспоставување меѓуопштинска соработка е во нацрт-верзија и ќе биде испратен на разгледување од страна на Комисијата до сите 11 општини од регионот. За воспоставување меѓуопштинска соработка веќе донесоа Одлука со која се уреди потребата од воспоставување ваква соработка.
Вкупниот буџет на проектот е 3.000.000 денари, а финансирањето е преку УНДП и Бирото за регионален развој. Трошоците за одржување и хостинг на платформата се на нивен трошок заклучно со септември, 2024 година. По овој период секоја општина сама ќе си ги покрива трошоците на годишно ниво по моделот по глава на жител.
Ребека Спасова М-Нет