Мицкоски: Градоначалниците сами ќе си одлучат дали ќе го донираат покачувањето на платата

Секој градоначалник е слободен да направи лична одлука, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прашањето дали сите градоначалници од нивната партија ќе го донираат покачувањето на платите донесено како одлука на Уставен суд. Иако дел од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ во некои општини, како Аеродром и Битола, веќе објавија дека покачувањето ќе го донираат, Мицкоски посочува дека тоа не е унифициран партиски став.

„Ние ставот како политичка партија го кажавме вчера, исто така и јас за време на Политичката академија организирана од Партискиот истражувачки аналитички центар. Секоја одлука на секоја индивидуа е негова лична одлука“, вели Мицкоски.

Инаку, со новата одлука Уставниот суд укина два члена од Законот за плата и надоместоци на функционерите и со тоа овозможи зголемување на нивните плати за 78%. Со оваа одлука се овозможува уставните судии, премиерот, претседателот, собранискиот спикер и сите вршители на јавни функции, како министри, заменици министри, градоначалници, директори во државни фирми и агенции, да земаат речиси двојно повисока плата.

Од Синдикатот на управа, правосудни органи и здруженија на граѓани УПОЗ појаснуваат дека со одлуката на Уставниот суд се укинува основицата од 26.000 денари за пресметување на платите на функционерите. Од сега основицата ќе изнесува колку просечна бруто плата и таа сума ќе се множи со коефициентот.

Ребека Спасова М-Нет