Додев: Продолжуваме каде застанавме, со поддршка од навивачите, верувам дека можеме до триумф против Тиквеш

По завршувањето на репрезентативната пауза, фудбалерите на Брегалница прволигашките возбудувања ги продолжуваат со дербито на Истокот против Тиквеш, во рамки на 25. коло од Првата македонска фудбалска лига. Натпревар кој се игра на Градскиот стадион во Штип со почеток од 15 часот.

Огромен е мотив меѓу избраниците на Горан Здравков, посебно по перфектниот старт во пролетниот дел, каде штипјани немаат пораз, а сега да се продолжи во ист стил иако сите во тимот добро знаат дека Тиквеш е секогаш повеќе од тежок ривал.

Додев со поддршка од навивачите, верува дека Брегалница може до триумф во дербито на Истокот против Тиквеш.

„Носиме силен мотив за продолжението од првенството. Паузата ја искористивме за ново темпирање на формата и сега верувам дека ќе продолжиме во ист стил и дека ќе дојдеме до нови три бода“, вели Додев, и додава:

„Комплетни сме и подготвени за новиот предизвик. Како и претходно размислуваме само за секој следен натпревар. На секој дуел одиме на победа, иако против Тиквеш знаеме дека ќе биде тешко затоа што и тие секогаш се дополнително мотивирани за натпреварите во Штип. Но, со поддршка од навивачите, верувам дека можеме до триумф“.