
Конзолите на река Отиња, реконструкцијата на улиците во населба Дузлак и паркот во населба Баби се дел од проектите во Штип на кои во обиколка увид изврши претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Од Штип посочи на развојот кој се случува во градот, но и на пречките од централната власт, како што е неиздавањето на првата општинска обврзница, која ги има поминато сите филтри.
„Можеме да видиме како се трансформира Штип на подобро во делот на градежните зафати коишто се преземаат од страна на градоначалникот. Иван навистина има прилично амбициозна агенда, јас сум убеден дека ќе ја реализира. Разговаравме и за тоа каков тип на проекти се потребни на Штип коишто би биле инвестирани од страна на централната влада, бидејќи како што знаете тие се трудат да го спречат развојот на Штип“, вели Мицкоски.
Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, посочи дека ќе следи активен градежен период. Вели дека е свесен оти за една буџетска година нема да се реализираат сите проекти, но од година во година ќе се реализираат најголем број од ветените проекти. Потенцираше дека нивната цел е да се инвестираат парите на граѓаните.
„Во овој момент се издвојуваат околу половина милион евра од тековниот Буџет на Општина Штип во најразлични проекти со коишто ќе се модернизира и дополнително ќе се подобрат условите за живот на жителите на општина Штип. И во следниот период којшто претстои интензивно ќе се работи на уредување на градежно земјиште, реконструкција на постоечките улици, изградба на нови капитални проекти во рамки на она коешто е расположлив оперативен буџет, имајќи предвид дека граѓаните имаат потреби и проблеми со коишто се соочуваат“, вели Јорданов.
Мицкоски на денешната посета која беше во рамки на партиската активност „Промени се случуваат, секогаш со народот“ ги увери штипјани дека зацртаното во градот ќе биде реализирано.
Ребека Спасова М-Нет