Миовски постигна гол за Македонија, Велс во последните секунди остана непоразен во Скопје!

Фудбалската репрезентација на Македонија одигра тежок натпревар против Велс од второто коло од квалификациите за Светското првенство, поведовме во 91. минута со голот на Бојан Миовски, но на десетина секунди до крајот примивме гол, откако фудбалерот на Борнмут, Дејвид Брукс беше стрелецот на истиот за 1:1.

Меч кој започна со минута молк поради трагедијата во Кочани, а фудбалерите и на двете репрезентации носеа црни траки на левата рака во знак на почит.

Македонија одлично се бранеше и го чекаше моментот во третата зона за да постигне гол, имавме неколку одлични шанси, а штипјанецот Бојан Миовски во 91. минута го отвори резултатот, но сепак во завршните мигови топката заврши и во нашата мрежа преку Брукс за конечни 1:1 во Скопје и испуштени значителни два бода.

„Нормално како што знаете примивме гол во последните десет секунди, тоа може само да не мотивира за во иднина и да не издигне како репрезентација. Навистина е болно еве се зборува после 15тина минути од натпреварот да примите гол во последните десет секунди. Знаевме дека играме против одлична репрезентација 90% од играчите играат во Премиер лига, останавме компактни се браневме одлично, бевме трперливи во таа трета зона и очекувавме нормално да се бориме и дека Господ ќе не награди со шанса што дојде во вистински момент. Кога мислевме дека се е завршено тој психолошки момент во последната минута мислам дека беше пресудно и нормално на играчи како нив веднаш ќе те казнат“, вели Миовски.

Миовски вели дека натпреварот со Велс ќе се анализира со ладни глави, а следен предизвик за нашата репрезентација ќе биде мечот во јуни против фаворитот во групата Белгија.

„Гледаме од натпревар во натпревар, Белгија е одлична репрезентација можеби индивидиално се подобри од Велс, но мислам дека Велс колективно е подобра репрезентација во моментот, но ќе ги анализираме и ќе се спремаме да не се случи ова повторно“, додава Миовски.

Во рамки на јунскиот прозорец играме против Беглија на 6. јуни, а три дена подоцна следува мечот со Казахстан во гости.

„Одигравме еден добар натпревар со еден квалитетен противник знаеме сите играчи каде играат нивните фудбалери во Премиер лига, така да бевме на високо ниво тоа е добар знак и за нас затоа што покажавме повторно дека можеме да се носиме и со најсилните, така ќе биде и понатаму. Секогаш гледаме да напредуваме целта наша е да одиме чекор погоре и погоре така ќе продолжиме и во иднина“, вели Елмас.

Елмас имаше свое видување за следниот меч против Белгија, меч кој ќе се игра во Скопје.

„Ние секогаш како група и нашиот селектор размислуваме секогаш на победа, така да одиме да го дадеме нашиот максимум, а знаеме со какви противници играме во јуни. Со Белгија ќе излеземе и ќе го дадеме нашиот максимумот“, додава Елмас.

Селекторот на македонската репрезентација, Благоја Милевски, на прес-конферецијата после натпревар истакна дека нема простор за големо разочарување, додава дека Македонија покажала дека може да биде рамо до рамо со силни селекции од стартиот континет. Според селекторот примениот гол било наша грешка, но вели дека има и такви моменти, затоа како што вели тој мора да останеме фокусирани до самиот крај.

Македонија од овој циклус собра четири бодови, го добивме Лихтенштајн во гости со 0:3, а дома ремизиравме со Велс играјќи 1:1.

Александар Ванев, М-Нет