Министерот Серафимовски потпиша седум договори за промоција на домашните производи и развој на руралните средини

Седум локални манифестации посветени на домашната храна, земјоделското производство, руралната жена, задругарството, лозарството и локалните традиции ќе се реализираат со финансиска поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Договорите за техничка поддршка за организирање локални манифестации и саеми од областа на земјоделството и руралниот развој денес ги потпиша министерот Борче Серафимовски, а нивната вкупна вредност изнесува 1.048.509 денари.

Средствата се доделени по спроведен јавен повик, на кој пристигнаа 26 предлози. По завршувањето на административната проверка и постапката за избор, седум од предложените манифестации ги исполнија утврдените услови за добивање техничка поддршка.

„Домашното производство не се зајакнува само со зголемување на произведените количини. Важно е производот да биде препознаен, соодветно вреднуван и да го пронајде својот пат до потрошувачите. Локалните манифестации и саеми ја создаваат токму таа врска, односно ги доближуваат производителите до купувачите, овозможуваат размена на знаења и искуства и внесуваат нова економска енергија во руралните средини“, порача министерот Серафимовски при потпишувањето на договорите.

Поддршка за организирање на манифестации добија:

• Здружението за рурален и регионален развој „Блесок“ од Радовиш, за манифестацијата „Од зрно до погача“;

• Земјоделската задруга „Шари“ од Тетово, за „Ден на задруги 2026“;

• Здружението за земјоделци „Современо земјоделство“ од Битола, за „Рурална жена – силата на Пелагонија“;

• Здружението за заштита, промоција и едукација за храна „Слоу Фуд Водно“ од Скопје, за „Храна за сите“;

• Здружението за негување и развој на винска култура, вински туризам и производи од грозје „Винотек“ од Кавадарци, за „Тиквешија плодна лоза благородна 2026“;

• Здружението на конвивиум „Слоу Фуд Прилеп“ од Прилеп, за „Корени и трпеза – рурална жена денес“;

• Општина Кратово, за манифестацијата „Компиријада 2026“.

Со поддршката на овој тип на манифестации, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство продолжува да создава простор македонските земјоделски производи да допрат до повеќе потрошувачи, а руралните средини во поголем обем да ги искористат своите производствени, туристички и економски потенцијали.

Текстот Министерот Серафимовски потпиша седум договори за промоција на домашните производи и развој на руралните средини е превземен од МАКФАКС.