
Третолигашот ФК Ржаничино продолжува да го гради тимот со кој сака да се бори за највисок пласман во новата сезона. Клубот денеска и официјално го претстави искусниот фудбалер Метин Ќерими како свое ново засилување, испраќајќи јасна порака дека амбициите се насочени кон самиот врв на табелата.
Во својата објава, од Ржаничино истакнуваат дека кога целта е првото место, компромиси нема, а токму затоа се одлучиле за фудбалер со докажан квалитет и богато искуство.
„Големите амбиции бараат прекалени борци и докажани фудбалери. Метин Ќерими е играч кој совршено се вклопува во нашата визија и стратегија. Сакаме најдобрите локални сили да ги бранат нашите бои, а Метин е токму таков профил“, порачаа од клубот.
Ќерими зад себе има богато второлигашко искуство, настапувајќи за екипи како Беласица, Воска, Вардар Неготино, Победа Прилеп, БВК Братство Житоше и Шкендија Арачиново.
Во Ржаничино го опишуваат како неуморен играч од средниот ред, фудбалер кој диктира висок ритам, поседува одличен преглед на играта и е вистински плејмејкер што внесува сигурност и креативност во тимот. Според клубот, неговиот победнички менталитет целосно се совпаѓа со амбициите на Ржаничино.
Со доведувањето на Метин Ќерими, ФК Ржаничино уште еднаш потврдува дека сериозно ги сфаќа своите планови за претстојната сезона и дека ќе атакува на самиот врв во Третата македонска фудбалска лига.
Интересно е што пред само неколку недели Ќерими беше промовиран како нов фудбалер на БВК Коњаре, но тој трансфер не се реализира, па играчот кариерата ќе ја продолжи во дресот на амбициозниот тим од Ржаничино.