БВК Коњаре тргнува по врвот: Алиса Виши назначен за нов шеф на стручниот штаб

Третолигашот БВК Коњаре го направи еден од најважните потези во пресрет на новата сезона, откако официјално го претстави новиот шеф на стручниот штаб. Нов предводник на тимот е Алиса Виши, кој ќе ја има задачата да го одведе клубот до посакуваната цел – пласман во Втората македонска фудбалска лига.
Од клубот порачаа дека амбициите се јасни и дека за остварување на целта бил потребен тренер со победнички менталитет и лидерски квалитети. Пред Виши е поставена одговорна мисија – да изгради силен и конкурентен тим, да внесе шампионски дух во соблекувалната и да го предводи БВК Коњаре во битката за првото место.
Со ова назначување, БВК Коњаре испраќа јасна порака дека во новата сезона нема да се задоволи со споредна улога, туку ќе атакува на самиот врв во Третата лига и на историски пласман меѓу второлигашите.
„Добредојде, шефе, Алиса Виши“, порачаа од клубот, изразувајќи уверување дека заедничката работа ќе донесе нови успеси и исполнување на големата цел.