
За христијаните Велигден помина, а муслиманите викендов слават Бајрам, но за граѓаните и понатаму празниците се енормно скапи. Цената на месото во месарниците и понатаму руши рекорди и, според кажувањата на анкетираните штипјани, месо едвај може да се најде под 400 денари за килограм. Според нив, замрзнување односно ограничување на цените мора да има и кај производите на месната индустрија.
Сепак, граѓаните велат дека тоа што се донесува како одлука, мора и да се почитува. Ама тоа на терен не е видливо, бидејќи, како што велат граѓаните, повеќето цени се над она што е ограничување.
Министерот за економија, Крешник Бектеши, на прашањето дали се планира замрзнување на цените на месото вели дека треба прво да се расчисти со овошјето и зеленчукот, а следната недела да се знае за другото. Посочува дека одредени мерки веќе презеле за месната индустрија.
„Мерка која дава резултат на долгорочен план, секако, е зголемување на домашното производство. Со тоа се зголемува конкурентноста на пазарот, и домашен, и регионален, и пошироко. Освен такви мерки, можеме да направеме и мерки коишто се краткорочни и среднорочни во делот на укинување на одредени давачки и слично, а тоа претходно сме го направиле и за месната индустрија со автономни мерки за укинување на целосни царински давачки за тоа што сме увозно зависни, за одредени производи, генерално, за замрзнатите производи кои после се користат за преработувачка на месната индустрија во нашата држава. Првично, да расчистиме со овошјето и зеленчукот до крајот на наредната недела, па после ќе следат и други мерки, а, секако, ќе ги имате информациите за тоа што ќе се случи“, вели Бектеши.
Владата прво ја замрзна цената на лебот, па на јајцата, оризот, млечните производи и тестенините, производи за хигиена, како и на 11 овошки и зеленчуци.
Ребека Спасова М-Нет