Спектакуларниот Велигденски концерт на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ ја исполни салата со аплаузи

Околу 100 ученици од музичкото училиште вчера беа дел од спектакуларниот Велигденски концерт кој ја наполни салата на Домот на култура „Ацо Шопов“. Програмата богата со традиционални народни македонски песни беше под диригентската палка на професор Тоше Митрев, а изведувачи беа хорот, народниот и симфонискиот оркестар при ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ – Штип.

Концертот е во организација на ДМУЦ „Сергеј Михајлов“ и Ротари клубот од Штип, a е од хуманитарен карактер со тоа што средствата собрани на концертот ќе се удвојат од страна на Ротари клубот и со тоа ќе се обезбедат нови инструменти за потребите на музичкото училиште.

Ова е втор концерт по тригодишна пауза од првиот, а е со поддршка на УСАИД и Фондацијата за развол на локалната заедница, вклучени се и општествено-одговорни компании. Средствата од првиот велигденски концерт беа искористени за реновирање на училници во музичкото училиште во Штип.

Ребека Спасова М-Нет