Мерките за заштита од африканската чума не се почитуваат, може ли да останеме без свежо месо?

Фармерите се загрижени дека африканската свинска чума може да ги остави македонските трпези без свежо свинско месо. Велат дека болеста им прави сериозна штета, а најголема причина за тоа е што не сите ги почитуваат препораките со цел да се прекине ширењето на болеста и да се заштитат од ударот, кој е најголем врз македонската економија.

„За жал, малите фармери и тие што не се регистрирани, ловџиите не ги сфаќаат препораките дадени од страна на Агенцијата за храна и ветеринарство како и од поголемите фарми и ние сме на удар. Болеста не е зооноза, ама сепак удира на економскиот дел. Ако продолжи вака, би можеле да останеме без свежо свинско месо на македонските трпези“, вели Бојан Горгиевски, претседател на Здружението на средни свињарски фарми на Македонија „Македонско прасе“.

И од Агенцијата за храна и ветеринарство апелираат да се преземаат биосигурносните мерки. Директорот, Николче Бабовски, вели дека во последните две години регистрирани се 62 жаришта на африканска свинска чума. Извршена е депопулација на повеќе од 14.000 животни, од кои околу 8.000 грла се од Фармата „Овчеполка“.

„Повеќе мислам дека не треба да алармираме колку е поразителна оваа болест за економијата на секоја држава каде ќе се појави болеста. Сега апелираме на дословно применување на биосигурносните мерки од самите одгледувачи, но и од Ловната федерација, од концесионерите на ловиштата, националните паркови и секој еден граѓанин кој може да дојде во контакт со дивата популација на свињи, бидејќи таму е резервоарот на вирусот“, Николче Бабовски, директор на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Оваа болест е регистрирана во речиси сите земји, како кај домашната, така и кај дивата популација свињи. Поради тоа, АХВ со поддршка од Директоратот за здравје и безбедност на храна на ЕУ деновиве одржува обука, чија примарна цел е во Македонија да се применат мерките за справување кои веќе се практикуваат на светско ниво.

Ребека Спасова М-Нет