
Средното медицинско училиште во Штип како резултат на енергетската и економска криза добива четирипати повисоки сметки за електрична енергија. Директорката, Марија Николиќ, која беше гостин во нашата емисија „Зум анализа“, вели дека и покрај тоа, ситуацијата е стабилна, бидејќи немаат долгови и редовно ги подмируваат обврските. Во однос на мерките за помош од Владата, пак, заклучува дека колку се реални ќе се види на следните сметки.
„За жал, сметките за електрична енергија како и во сите институции, така и во нашето училиште се големи. Со анализата којашто ја направивме пред покачувањето на електричната енергија, гледаме дека висината на сметките е зголемена за четирипати. Ние како училиште добро се справуваме, немаме долгови, редовно си ги плаќаме сметките за електрична енергија. Нафта имавме за овој период, сега веќе склучивме договор со економскиот оператор кој ќе нѐ снабди, очекуваме за десетина дена веќе да ги наполниме резервоарите во училиштето“, истакна Николиќ.
Спасот од кризата Николиќ го гледа во поставувањето фотоволтаици. Евентуалната реализација на ваков проект е во координација со Општината, која формираше и ДООЕЛ за производство и продажба на електрична енергија, во рамки на кој се планира поставување фотоволтаици на кровни конструкции на одредени јавни институции.
„Мое лично мислење е дека решението за електричната енергија е во фотоволтаичните системи за кои разговараме во координација со Општина Штип. Тие имаат некоја идеја, дава поддршка и сметам дека доколку тоа се реализира, ќе биде спас и за училиштето и за сите институции кои се под Локална самоуправа во градот“, додава Николиќ.
Владата претходно објави мерка за снабдување на училиштата со електрична енергија по субвенционирана цена од 95 евра за мегават/час, што според Министерството за образование и наука, е од голема поддршка за непречено организирање на наставата со физичко присуство во училниците. Како што додаваат од таму, со ова училиштата ќе создаваат значително помали расходи во општинските и државниот буџет, со што се зголемува сигурноста дека воспитно – образовниот процес во училиштата ќе продолжи да се реализира непречено до крајот на годината.
Ребека Спасова М-Нет