Матурантите годинава со просечен успех од 3,66 речиси ист како лани

Матурата годинава е со просечен успех од 3,66, покажуваат конечните резултати што денеска ги соопштија Министерството за образование и Државниот испитен центар. За првпат годинава матурантите полагаа три типа матурски испит – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура. Просечната оценка на државната матура изнесува 3,62, на државната стручна матура 3,91, а на државната уметничка матура 3,59. Според министерката за образование Весна Јаневска, просекот е речиси идентичен со минатогодишниот и претставува објективен показател за постигнувањата на матурантите.

Просечната оценка од полагањето матура во јуни е 3,66 од сите три типа матура.

Два месеца по полагањето на првиот од двата екстерни испити, министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар Даниела Јовчевска-Михајловска на прес-конференција денеска ги соопштија резултатите кои се конечни и по поднесени и разгледани приговори.

Новина оваа година беше што матурантите полагаа три типа матурски испит – државна матура, државна стручна матура и државна уметничка матура.

Просечната оценка за државна матура е 3,62, за стручна 3,91 и за уметничка 3,59. Министерката Јаневска изјави дека е задоволна од просекот кој е речиси задржан од лани, кога беше 3,69, за разлика, рече, од 2024 кога беше 3,26.

-Ценам дека ова се објективни резултати поради подготвеноста на сите вклучени во организирањето на матурата, рече Јаневска.

Во јунската испитна сесија за полагање на матурските испити беа пријавени 14.587 матуранти кои годинава го завршија средното образование. Најголемиот дел од нив, односно 12.184 ученици, се определиле за државна матура, 2.276 за државна стручна матура, а 127 за државна уметничка матура. На испитите не се појавиле 348 пријавени кандидати.

Испитите се одржаа на 6, 11 и 12 јуни. Гимназијалците полагаа државна матура, додека учениците од стручните и уметничките училишта имаа можност да изберат помеѓу државна матура и државна стручна, односно уметничка матура.

И годинава најголем број матуранти за вториот екстерен испит го избраа англискиот јазик, а за секој од трите типа матура беа подготвени посебни испитни програми и тестови, усогласени со наставните програми што учениците ги следеле во текот на четиригодишното средно образование.

Иван Митев, М-Нет