Желбата за одмор голема, можностите различни – граѓаните со различни летни планови

Граѓаните и ова лето заглавени во дилемата, што е подобро, да се штеди или да се замине на одмор. Додека едни веќе ги подготвуваат куферите и знаат каде ќе патуваат, други се уште размислуваат дали ќе се оди некаде поради трошоците и можностите. Убавините на Турција и Грција секогаш се главниот избор на граѓаните, велат цените се пристојни и можат да си дозволат. Но друг дел децидни дека поради скапите цени на превозот и сместувањето, не ги ни погледнале патувањата, па воопшто не ни размислуваат за одмор.

Постарите велат дека не одат на одмор бидејќи не можат, но и дека за нив вистинскиот одмор е дома, со своите деца и внуци, подготвувајќи им најразлични јадења и играјќи си со нив.

Дел од граѓаните, предност му даваат на домашниот туризам, посетувајќи ги убавините што ги нуди Македонија. Велат дека не е важно каде ќе се оде, важно е само да се наполнат батериите и да се вратат одморени.

Без разлика дали изборот ќе биде некоја странска дестинација, домашно место или едноставно одмор во кругот на семејството, граѓаните се согласни дека најважно е да се најде време за одмор и релаксација. За некого тоа значи патување, а за друг мир и спокој во сопствениот дом.

Ева Тушевска, М-Нет