Масовно присуство на штипските гробишта, се одбележува Задушница во спомен на починатите

Православните христијани денеска одбележуваат Задушница во сеќавање на починатите. Денот е одреден за потсетување на починатите со палење свеќи за нив на гробното место или во црква доколку некој не е во можност да оди на гробишта. Штипјани во масовен број денеска ги посетија штипските гробишта, секој со свои верувања, начини и обичаи се потсетија на најблиските. Велат, најважно е поменот да се изрази со пченица и лепче осветено со црвено вино, со милостина на сиромашните во име на покојните и со молитва за покој на нивните души.

Присуството на штипјани на гробиштата беше во масовен број, при што се создадоа и колони возила, а сообраќајот го регулираа полициски службеници.

Утре, пак, се празнува Духовден, кој е на педесеттиот ден по Христовото воскресение, кога Светиот Дух слезе врз апостолите, а тие се исполнија со сила и добија дар да зборуваат на разни јазици. За црквата овој настан има посебно значење, затоа што Светиот Дух оттогаш не ја напушта чрквата. Педесетница е еден од најсветлитe празници во христијанството и претставува исполнување на старозаветните пророштва. Во Стариот завет луѓето знаеа само за Бог, со раѓањето на Христос го видоа Единородниот Син, а на Педесетницата го запознаа третото лице на Света Троица – Светиот Дух.

Ребека Спасова М-Нет