Масовна посетеност на кочанскиот храм за денешниот празник Успение на Пресвета Богородица

По двенеделниот пост верниците денеска го слават еден од најголемите христијански празници Успение на Пресвета Богородица. Кочанскиот храм уште од утринава беше полн со верници кои запалија свеќа за здравје, и со погача и пораки за среќа и мир го дочекаа денешниот ден. На средина на храмот беше поставена и плаштеницата каде верниците се поклонија на Пресвета Богородицa.

„Светата црква денеска го чествува еден од најголемите празници, а тоа е Успение на Пресвета Богородица. На овој празник чувствтата на секој христијанин се измешани, се чувствуа таговна радост. Иако го оставила светот таа сепак сеуште е тука и им помага. Црквата е веќе преполна со верници кои се поклонуваат на плаштеницата“ – вели Арсовски.

Православната Црква на 28 август го празнува земниот крај на Пресвета Богородица и Нејзината смрт ја нарекува „Успение“ – раскошен термин кој во себе ги соединува сонот, блаженството, мирот, спокојството и радоста. Самиот лик на Богомајката објавува бескрајно спасение, сострадалност, грижа и доверба, сила и смирение, чистота и убавина, љубов и победа на љубовта. Светлина со која сјае Нејзиниот лик го осветлува и овој празник, на кој човекот веднаш сфаќа дека смртта е всушност чин на животот. Црквата никогаш во смртта на Богомајката не почувствувала страв, ниту ужас, ниту жалост и надгробно ридање, туку секогаш една блескава воскресна радост. Сите обичаи во врска со празниците посветени на Мајката Божја се засноваат на почитување на нејзиниот култ, во кој се вклопени верувања и ритуали од народната религија. Сите обичаи за овој ден се поврзани со водата и босилекот, за кој се верува дека е божјо растение. Затоа, според народното верување, денес во садот треба да ставите малку босилек и да го послужите на семејството. Се верува дека на тој начин Света Богородица штити од злото.

Лаура Стојанова М-Нет