Шкендија во судиското надополнување го реши Работнички, Брегалница ѝ го зеде скалпот на Брера

Фото: ФК Шкендија

Денес на програмата беа пет од шест натпревари од 5. коло на Првата македонска фудбалска лига.

Лидерот АП Брера Струмица гостуваше во Штип каде се соочи со Брегалница, која пак на домашен терен нема пораз.

Теренот во Штип отсекогаш бил тежок за гостинот од Струмица, традицијата не е на страна на АП Брера, а потврда за тоа е и денешната победа на Брегалница.

Резултатот беше отворен во 27. минута, откако Костариканецот Фабрицио де Јесус Венегас Уллоа убаво ја зафати топката и со силен шут ја смести во мрежата на Алчевски. 1:0 беше исходот од првиот дел.

На стартот од второто полувреме Брера започна со притисок за брз гол, а најзрела шанса имаше новото засилување Христијан Малески, кој убаво ја зафати топката со многу ефе, меѓутоа истата заврши покрај голот на Давков.

„Сините“ веднаш возвратија откако Филип Стојчевски ја погоди пречката на Алчевски во 55. минута од натпреварот за големи воздишки кај штипската публика.

Конечниот исход беше минимална победа за Брегалница од 1:0 и прв пораз за Брера.

Во Кратово се соочија Силекс и Македонија ЃП во дуел каде конечниот исход беше поделба на бодовите откако двете екипи одиграа 2:2, а овде во првиот дел се случи комплетен пресврт на резултатот. Силекс прв го отвори резултатот по грешка на „лавовите“ на средината од теренот, домашниот тим креираше лесна акција, топката стигна до Марко Ѓорѓиевски кој многу лесно со еден контакт ја смести топката во мрежата на Стевковски.

Силекс не се израдува на предноста ниту една минута, откако при првиот напад на „лавовите“ Сековски ја стресе мрежата на Божиновски за 1:1.

Веќе во судиското надополнување следуваше нов ладен туш за домашните навивачи откако Сековски со втор гол го сврте резултат во полза на гостинот на 1:2 по првите 45 минути.

Во вториот дел Силекс го израмни резултатот дури во 82. минута со гол од пенал, а успешно реализираше искусниот голгетер Антониот Каланоски за конечни 2:2.

Во Кавадарци се соочија Тиквеш и Воска Спорт екипи кои се „познаваат“ од баражот за Прва лига од пред две сезони, кога кавадарчани беа убедливи и го сочуваат прволигашкиот статут. Овој пат конечниот исход беше реми 1:1.

Новото засилување Марио Гассама во 17. минута постигна гол за голема радост на домашната публика, а со овие 1:0 Тиквеш замина на полувреме.

Во вториот дел Воска го израмни резултатот на 1:1 односно во 73. минута, кога Никола Стијеповиќ центрираше топка, а истата со глава ја зафати Алекса Марушиќ и ја стресе мрежата на Димовски за 1:1. Гостинот од Охрид во финишот од мечот влезе во егал борба и за целиот „плен“ меѓутоа резултатот остане непроменет (1:1).

Шкупи со убедливи 3:1 славеше над Гостивар кој важи за тим со најмногу засилувања, но истиот никако да тргне како што посакува. Шкупи во дуелот на Чаир имаше водство од 1:0 на полувреме со голот на Армин Хоџиќ постигнат од белата точка во 27. минута.

Во вториот дел најскапо платениот играч во мак-фудбалот Алпер Потур ја измеша одбраната на Шкупи и ја стресе мрежата на Иљази за 1:1 во 64. минута. Помалку од пет минути беа потребни за Шкупи да го врати водството, откако Суад Сахити ја смести топката во мрежата на Јашар за ново водство од 2:1. Во финишот Арби Воша стави печат на голема победа од 3:1.

Шкендија во судиското надополнување со два брзи гола и преку пресврт славеше над Работнички на „Борис Трајковски“ во Маџари со 1:2.

Работнички по првите 45 минута имаше водство од 1:0 со голот на Шафик Кучи Кагиму од Уганда, кој биеше во левиот агол што беше неодбранливо за Талески.

Шкендија во финишот на мечот најпрво со голот на Бруно Дита израмни на 1:1, а потоа по нафрлената топка од корнерот и настанатата турканица по топката пред голот на Работнички, Ендрит Красниќи успешно ја смести топката во противничката мрежа за целосен пресврт и конечни 1:2.

Шкендија останува единствениот тим во лигата кој нема пораз и со максимални 12 бодови го превзема лидерското место од Брера со тоа што тетовци имаат меч помалку, откако денес досега непоразениот лидер АП Брера Струмица загуби од Брегалница во Штип со минимални 1:0.