
Со пет од шест натпревари се одиграни 13. коло на Втората футсал лига на Македонија. Лидерот Мал Ајакс од Штип забележа уште една висока и убедлива победа на патот кон враќање во Првата лига.
Штипјани забележаа победа против Партизан Југ во Брвеница, каде триумфираа со 4:7, во меч каде Иса Дурмишов постигна четири погодоци и ја водеше екипата до нова победа.
Ланскиот прволигаш Карадаку на домашен терен забележа пораз од ССК Скопје со резултат од 4:7, а светла точка за домашниот тим беше Зејнула Мустафи кој постигна хет-трик.
Балкан на домашен терен ја оправда фаворитската улога со голема победа над Конзули од Битола, а резултатот беше 8:4, Енис Реџеп постигна хет-трик за домашниот тим, Кадир Амза и Ибрахим Алији беа двојни стрелци, Балиќи постигна еден гол.
Во Свети Николе беше забележана најголемата победа откако ланскиот прволигаш Овче Поле со високи 10:3 го декласираше тимот на Енхалон од Струга.
Домашна победа во рамки на оваа рунда забележа и СЕЕ Универисити откако ја доби Каршиака во меч со 11 погодоци за конечни 7:4.
Натпреварот меѓу Кратово и прилепска Победа не се одигра. Мечот беше закажан да се игра во спортската сала „Софија Петровска“ во Пробиштип, но по чекање од 30 минути гостинската екипа не се појавила на теренот, а на теренот биле присутни лекар, службени лица односно судии и контролор на мечот како и домашната екипа, така е наведено во записникот од мечот.
Лидер на табелата е Мал Ајакс со 33 бодови, на второто место е Балкан со 27 бодови, потоа следува Овче Поле како трет со 25 бодови, а пак Кораби е на четвртото место со 22 бодови. Првите две места водат директно кон Првата футсал лига на Македонија.
Александар Ванев, М-Нет