
Утре ќе бидат одиграни натпреварите од четвртфиналето на фудбалскиот Куп на Македонија, два второлигаши и шест прволигаши ќе се борат за пласман во полуфиналето.
Во Радовиш второлигашот Детонит Плачковица ќе се судри со прволигашот Шкендија од Тетово, каде повеќе од јасно е дека Шкендија ќе биде голем фаворит за следна фаза од Купот. За радовишани ова е историско четвртфинале, каде и нема што да загубат, а Шкендија важи за тим кој атакува на двојната титула.
Александар Грујоски од Кичево ќе ја дели правдата во Радовиш.
Во Струмица ќе се соочат Брера Струмица и второлигашот Арсими, каде струмичани ќе бидат во предност и ќе ја имаат улогата на фаворит, против тимот од Чегране кој игра историско четвртфинале од Купот, а дополнително води борба и за влез во Првата лига.
На овој меч правдата ќе ја дели Стојанче Стојанов од Штип.
Големо дерби ќе има меѓу Струга Трим Лум и Гостивар, каде стружани ќе сакат да вратат за поразот во првенството. Целта и на двете екипи им е освојување на Купот и сигурен излез во Европа.
Главен арбитар покрај езерото ќе биде Стојанче Трпчевски од Кавадарци.
Прволигашко дерби ќе има и меѓу Вардар и Силекс, во Првата лига двете екипи имаат различни цели. Вардар се бори за опстанок, а Силекс за титула, но во Купот сигурно е дека и двете екипи сакаат следна фаза и пласман потоа и во финалето.
Фуркан Идризи од Тетово ќе биде главен судија на овој натпревар.
Сите натпреварите од четвртфиналето ќе започнат во 14 часот.
Александар Ванев, М-Нет