Осогово извлече голем бод од Автокоманда, тренерот Крстев задоволен, против Кожуф само победа е опција!

ФОТО: М Нет телевизија

Екипата на Осогово и ова сезона ќе води тешка борба за опстанок, сигурно многу потешка од минатата сезона кога „жетварите“ во последното коло го потврдија опстанокот во Втората лига.

Само осум бодови успеа да собере Осогово во есенскиот дел, што беше катастрофална есен со променети два тренери, а сега дојде и третиот Крсте Крстев пред кого е сериозен предизвик за опстанок.

Осогово тргна со пораз во Неготино од Вардар со минимални 1:0, а во претходното коло успеа да извлече бод откако одигра нула против Скопје во Автокоманда.

Шефот на стручниот штаб Крсте Крстев е задоволен од освоениот бод, вели дека тоа ќе биде мотив за освојување уште бодови.

„Како прво, благодарност до домаќините за коректниот однос од почеток до крај. Од освоениот бод, секако дека сме задоволни сите и очекуваме да ни биде мотив за освојување уште бодови, за да успееме во целта наречена опстанок“, вели Крстев.

Осогово во сабота ќе го одигра првиот домашен пролетен натпревар, откако на првите два меча од пролетната полусезона гостуваше. За Осогово ова е идеална шанса да се дојде до првата пролетна победа против тимот на Кожуф.

Домашниот терен и поддршката од домашната публика ќе биде предност за Осогово, кој ќе мора максимално добро да се подготви ова недела со цел победа против тимот од Гевгелија.

Александар Ванев, М-Нет