
Каратист Марко Џорлев од Штип иако млад со 14 години, зад себе веќе има големи достигнувања и резултати, за кои како што вели за М Нет телевизија е исклучително горд.
Џорлев вели дека во секој спорт за да има големи успеси мора да има и мали жртви, но додава дека тој ужива во каратето како спорт, треба посветеност, дисциплина и голема желба за успех.
Џорлев дополнува дека кога се сака се може да се постигне, паралелно со напорните тренинзи пред големите натпреварувања и со училишните обврски.
„Видете мора да има мали жртви за да има големи успеси, но јас уживам во тоа бидејќи јас навистина го сакам овој спорт и каратето и тоа на мене ми претставува задоволство. Но, секако кога не’ очекуваат вакви тешки големи натпревари, правиме и по два тренинзи на ден, некогаш и подолго остануваме на тренинзи, анализираме противници, некогаш имаме и доста учење на училиште, но се справувам да постигнам се и немам проблем“, ни изјави младиот каратист Марко Џорлев.
Младиот каратист од Штип е балкански шампион за 2024 година, а има трето место од Светската младинска лига во Пореч, но во иднина ќе цели кон уште поголеми резултати. Тој деновите заминува на Европското првенство во Кипар, каде очекува освојување на медал, а ќе се подготвува за настап на Светското првенство кое ќе се одржи во октомври годинава.
„Досега, како што знаете јас сум балкански шампион за 2024 година и трето место на Светска младинска лига во Пореч. Тоа се можам да кажам двете мои најголеми достигнувања. Четири пати сум државен првак на Македонија и можам да кажам дека сум доста горд на тоа. За следни достигнувања е сега Европското првенство на кое се надевам дека навистина ќе освојам медал и дека ќе имаме многу добри борби. Оваа година исто така во октомври ме чека Светско првенство исто така за младинци и кадети, така да ќе се спремаме и за тоа и тоа се моите следни цели“, дополнува Џорлев.
Со многу труд, желба и успех, посветеност и дисциплина, успехот е загарантиран, а Марко Џорлев веќе со своите 14 години има резултати за почит, а во иднина ќе цели кон уште поголеми успеси, што ќе биде гордост за Штип, но и за Македонија.
Александар Ванев, М-Нет