
Македонските интернационални менуваат средини и за пролетниот дел од сезоната ќе имаат нови клубови.
Штипјанецот Иван Николов ќе настапува за Вендсисел, се работи за клуб од Втората лига на Данска, а доаѓа на позајмица од Сондерјиске до летото. 22-годишниот фудбалер потекнува од Брегалница, беше дел од Брера Струмица и Вардар, а потоа ја започна својата интернационална авантура, настапувајќи за данскиот клуб Сондерјиске во данската Суперлига.
23-годишниот Бојан Димоски ќе биде нов играч на српскиот гигант Партизан. Македонскиот репрезентативец во српскиот клуб доаѓа од редовите на руски Акрон, а во Партизан доаѓа како позајмен играч со право на откуп.
Димоски трансферот во рускиот тим го направи од македонскиот прволигаш Брера Струмица, а низ својата кариера има настапувано за Вардар, младинските категории на Тетекс, а своите почетоци ги прави во екипите на Порече и Пролетер од Македонски Брод, од каде што и потекнува младиот Димоски. Левиот бек за репрезетнацијата на Македонија има 18 настапи.
Македонскиот интернационалец Стефан Деспотовски e нов играч на ОФК Београд, кој доаѓа од редовите на Шериф Тираспол од Молдавија, каде немаше доволно минутажа. Деспотовски потекнува од младинската школа на Црвена Звезда, настапуваше и за кадетската репрезетнација на Србија, а потоа одлучи да настапува за македонската репрезентација до 21 година. Низ својата кариера има настапувано и за Графичар од Србија и Работнички.
Александар Ванев, М-Нет