Третолигашот Влазерими од Кичево со промоција на девет нови играчи – целта е по третпат бараж за Втора лига!

ФОТО: ФК Влазерими

Екипата на Влазерими од Кичево која две години во низа е шампион во Трета лига – Запад и две години не ги поминува баражите за пласман во Втората лига и официјално претстави девет нови играчи.

Влазерими во пролетниот дел ќе води борба за Тетекс за првото место, а со тоа обезбедување и на баражот за Втора лига, а тоа ќе понуди повеќе од неизвесна пролет во овој третолигашки регион.

Се работи за Ресул Рамадани, Агон Хајредини, Христијан Крклински, Иве Трифуновски, Насаф Шабанов, Сами Аљиљи, Ариф Садики, Егзон Османи и Арбен Бајрами.

21-годишниот Рамадани во Влазерими доаѓа од прволигаш Беса, а беше дел и од поранешниот прволигаш Ренова.

Нов играч на Влазерими е и 24-годишниот Хајредини, кој доаѓа од редовите на струшки Караорман, а низ својата кариера беше дел и од Воска Спорт, Слога Виница, Велешта, Струга Трим Лум, Дрита од Боговиње и Шкендија.

Крклински во третолигашот од Кичево пристина од второлигашот Новаци и носи искуство во новиот клуб. Се работи за играчи кој има 28-години, а кој во минатото настапуваше и за Светлост од Кукуречани, Кораби, Слога Виница, Црно Буки, радовишка Плачковица, Осогово, Скопје, Пелистер и Кравари.

Трифуновски во Влазерими исто така доаѓа од редовите на второлигашот Новаци, се работи за искусен играч кој има 34-години, а кој има настапувано за Пелистер, Брегалница и Кравари. Со своето искуство Трифуновски ќе биде важна алка во тимот на Влазерими за пролетниот дел.

Шабанов исто така пристигна од второлигашот Новаци, тој доаѓа во пакет со Крклински и Трифуновски. Имаше свои авантури во Хрватска и Германија, а во Македонија настапуваше за поранешните второлигаши Локомотива од Градско и Братство од Житоше, а беше дел и од Плачковица, Вардар Неготино, Превалец и Беласица.

Аљиљи во Влазерими доаѓа од третолигашот БВК Коњаре, беше дел и од второлигашот Башкими, Ринија, а 24-годишникот има големо искуство и како играч во футсал, настапувајќи за најдобрите екипи во Македонија.

23-годишниот Садики пристигна од второлигашот Башкими, додека пак 26-годишниот Османи доаѓа исто така од Башкими, беше дел и од Беса Влазрими, Братство Влазними, Гоблен и Милано. 29-годишниот Бајрами доаѓа од албанскиот тим Лузи, а беше дел и од Камјани, Беса и Тетекс.

Клубот утре ќе означи старт на зимските подготовки со цел максимално подготвен да влезе во пролетниот дел од сезоната во Трета лига – Запад. Екипата на Тетекс е лидер на табелата со четири бодови повеќе во однос на Влазерими, со тоа што „штофарите“ имаат меч повеќе во однос на Влазерими.

Првото пролетно коло го носи директното дерби на овие две екипи, што може да се покаже и како клучно која екипа ќе ја освои шампионската титула во Трета лига – Запад и со тоа ќе го обезбеди баражот за можен влез во Втора лига.

Александар Ванев, М-Нет