
Според информациите од МАКАМ-ТРАНС, на состанокот на превозниците одржан на 21.08.2026 година било потврдено одржувањето на двочасовен протест на 31.08.2026 година, во период од 12:00 до 14:00 часот, пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, со минимум 20 возила и присуство на голем број физички лица од сите градови во државата – сопственици, професионални возачи и други вработени. Ваков протест ќе се одржи и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, во истиот временски период. Протестот е планиран непосредно пред состанокот на Работната група во Брисел, кој треба да се одржи на 01.09.2026 година.
Доколку на состанокот не се донесе преодно решение за престојот на возачите во Шенген зоната, од МАКАМ-ТРАНС информираат дека било предложено да се организира протест на граничните премини во секоја држава поодделно, со почеток од 14.09.2026 година. За овој вид протест потребна е согласност од превозниците на секоја држава, како и добивање одобрение од надлежните органи. Се планира истиот вид протест како и во јануари оваа година, кој може да трае и подолго од 10 дена.
Во оваа фаза, според МАКАМ-ТРАНС, асоцијациите од четирите држави собираат согласност од превозниците за организација на протестот како предупредување до Европската Унија, која во изминатите седум месеци не покажала добра волја за надминување на проблемот, иако во визната стратегија ги признала возачите како професионалци кои вршат дејност.
Ќе се побара согласност од надлежните органи и дефинирање на стоките кои ќе се пропуштаат, а се од интерес на државата и целокупното население, како нафта и нафтени деривати, јаглен, потребни орудија и препарати за општините и јавните претпријатија, муниција и др.
Ева Тушевска, М-Нет