
Македонската фудбалска репрезентација до 17 години одигра два контролни натпревари против врсниците од Турција на гостински терен во Анталија, во рамки на подготвителниот период. Избраниците на селекторот Влатко Колев забележаа два тесни порази, откако загубија со 1:0 и 2:1 на дуелите одиграни во спортскиот комплекс „Арслан Зеки Демирџи“.
На првиот натпревар, единствениот погодок го постигна Хусеин Шен во 30. минута, додека македонската селекција имаше неколку добри можности за израмнување. Најзрелата шанса ја пропушти Јаков Стојковски, а во второто полувреме свои обиди имаа и Папалиски и Џангаровски, но резултатот остана непроменет.
Во вториот контролен натпревар, домаќините поведоа по контроверзна ситуација, кога судиите не досудија прекршок над голманот Денковски. Турција потоа ги искористи своите можности и постигна два погодоци преку Емин Ерен Сајар во 41. и Јагиз Фикри Шен во 85. минута. Единствениот гол за Македонија го постигна Јаков Стојковски во 55. минута, додека претходно добри шанси не реализираа Марко Иванов, Мартин Џангаровски и Арда Иљазовски.
И покрај поразите, двата натпревари претставуваа корисна проверка за младата македонска селекција, која доби можност да се тестира против силен противник и да собере драгоцено искуство за следните меѓународни обврски.