
Младиот македонски борач Лука Ананиев оствари голем успех на Европското првенство за борачи до 15 години во Самоков, Бугарија, освојувајќи бронзен медал во категоријата до 48 килограми.
Штипскиот талент имаше одличен настап на шампионатот, каде што со две убедливи победи против репрезентативците на Косово и Латвија обезбеди место меѓу четирите најдобри во Европа. Ананиев покажа голема борбеност, квалитет и зрелост на душекот, достојно претставувајќи ги Македонија и својот клуб Балканец.

Во драматичната борба за бронзениот медал, Лука славеше против претставникот на Франција со резултат 4:3 и заслужено се искачи на победничкиот пиедестал.
На патот кон финалето, македонскиот репрезентативец се соочи и со натурализиран руски борач кој настапува за Србија, а целиот турнир уште еднаш потврди дека пред Лука стои светла спортска иднина.
Овој успех претставува голема гордост за Штип, за БК Балканец и за македонското борење, кое продолжува да создава млади шампиони на европската сцена.