Лозјата се закројуваа и во карбинско Аргулица, со лепче со паричка предадено кумството

Лозовите насади годинава се закроија и во атарот на карбинско Аргулица. Со долги години стара традиција, вино, ракија и песна, но и лепче со паричка жителите во овој дел од општина Карбинци го прославија празникот св. Трифун. Стариот кум вели дека станува збор за традиција која се пренесува од колено на колено, а на новиот кум му посака благословена и плодна година.

„Ова е тука традиција со години. Местото е одбележано, со години се слави на истото место, доаѓаат луѓето тука, се крши погача со паричка. За оваа година 2022 јас сум стариот кум. Погача се донесува тука, секоја година е иста традицијата“, истакна стариот кум, Емил Бошков.

„Нека е за многу години празникот! Видете ја оваа убавина, ние традицијата не ја оставаме. Јас сум многу среќен како млад кум, немам лозје, ама имам пет декара ореви, ама ова ќе ме доведе во ситуација да насадам и два декара грозје“, вели новиот кум, Раде Димитров.

Пред кршењето на лепчето со паричка и собирањето на збирното место, сите лозја традиционално се закројуваат, велат тамошните жители, кај кои ваквиот обичај е традиција пренесувана уште од нивните дедовци и татковци.

„Адетите се од нашите татковци и дедовци, се оди со вино и ракија кај лозата и се закројува, се става вино и ракија. Луѓето од лозјата од сите овие атари се собираат на зборното место тука.“

Овдешните жители за следната година најавуваат уште помасовна прослава со цел продолжување на долгогодишната традиција.

Ребека Спасова М-Нет