Литературно-книжевни средби во кочанската библиотека по повод денешните празници

Литературна средба по повод празниците св. Трифун и св. Валентин организираше Литературниот клуб „Копнеж“ од Кочани во кочанската библиотека. Од таму велат дека предност не даваат на еден од светците, туку ги слават и двајцата преку љубовта и виното. Активности по програмата подготвуваат и за следните позначајни празници.

„По програмата за 2023 година имаме повеќе активности, ќе имаме настан по повод 8 Март, по повод Месецот на книгата, така што имаме зацртано повеќе активности и се надевам дека успешно ќе ги завршиме. Овој денешен ден го посветуваме на св. Трифун и св. Валентин, имаме подготвено доста песни, наши творби, кои ќе ги слушнете и ќе ги поздравиме“, истакнаа од Литературниот клуб.

Активноста ја поддржува и ЈОУ Библиотека „Искра“ во чиј склоп функционира литературниот клуб. Директорката, Кристина Ѓорѓиевска Атанасова, вели дека освен што ќе бидат верни поддржувачи на нивните овогодишни активности, со одреден влог ќе работат и во насока на зачувување на реализираните активности преку билтен и алманах.

„Секоја година ЈОУ Библиотека „Искра“ од Кочани во соработка со Литературниот клуб којшто е во нејзин состав го одбележува и чествува овој убав ден, овој настан, со читање на нивни литературни творби. Творбите коишто ќе биде претставени денеска се нивни лични и секоја година по ред изготвуваме нивен билтен за сите настани, а оваа година, ако смогнеме сили, сите нивни настани ќе ги публикуваме во еден алманах“, вели директорката на Библиотеката, Кристина Ѓорѓиевска Атанасова.

Во рамки на денешното одбележување се реализира и настанот промоција на поетската збирка „Раѓање на светлината“ од родокрајната авторка Марина Гоцевска, чија промоторка ќе биде Ленче Стоименова.

Ребека Спасова М-Нет