
Со низа настани во Штип денеска продолжи одбележувањето на 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите. Еден од настаните се одржа во НУЦК „Ацо Шопов“ – Штип, каде целта беше да се презентираат литературни творби на ромски јазик, но и да се претстави ромската култура, музика и обичаи. За учениците кои учествувале на литературниот конкурс распишан од Здружението РОТА беа доделени и благодарници, како и скромни награди.
„Здружението РОТА по повод одбележување на 8 Април – Светскиот ден на Ромите организира целодневен настан. Во истиот имаме рецитали на ромски творби по отворен конкурс. Потоа од 12:00 до 16:00 часот имаме изложба на ромски носии со кои се негува културата и традицијата на ромскиот народ, а потоа имаме музички хепенинг од 16:00 до 19:00 часот во големата сала на Домот на култура, каде ќе се промовира ромската музика“, вели Сабина Асанова од Здружението РОТА.
Освен овде, настани имаше и во ООУ „Гоце Делчев“ во Штип, каде се одржа турнир во мал фудбал од основните училишта во Штип, презентација на литературни ромски творби, рецитали, историја на Ромите и ора во придружба на музички оркестар, а потоа следуваше и марш предводен од младинскиот клуб на Романо Авази. Целта на ваквите настани е истакнување на Ромската заедница и на нивната уникатност.
„Целта на оваа активност е негување, односно зближување на Светскиот ден, што е финансирано од страна на Министерството за култура“, додава Асанова.
Одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите започна вчера, кога на јарболот пред општинската зграда беше кренато ромското знаме, а се доделија и ваучери на најдобрите ученици од основни и средни училишта и студенти од УГД, како и благодарници за поединци кои дале придонес за развој на Ромската заедница.
Ребека Спасова М-Нет