Пролетна еколошка генералка на неколку локации во населбата Сењак со цел почист Штип

Населбата Сењак во Штип денеска беше на распоредот за еколошка генералка. На повеќе локации во истата чистеа градоначалникот, јавните претпријатија, општинската администрација и граѓаните со цел да се подигне јавната свест за чистотата во градот.

„И оваа недела заедно со граѓаните и ЈП „Исар“ продолжуваме со расчистување на ѓубрето и сметот од нашите населби. Оваа сабота се наоѓаме во населба Сењак, се движиме во неколку околни места. Како што напоменав и на претходните еколошки акции, целта е да ја подигнеме јавната свест, да придонесеме во рамките на нашите можности за почист град“, истакна градоначалникот Јорданов.

Јорданов во оваа прилика посочи дека не е задоволен од чистотата во градот и колку сите како граѓани се грижиме за истата. Меѓутоа, се надева дека со ваквите акции дивите депонии ќе се намалат до крајот на пролетта.

„Искрен да бидам, не сум задоволен од тоа каква е свеста и колку ние како граѓани, вклучувајќи се и сам себе, придонесуваме за почист град, но затоа сме секоја недела на терен. Не се откажуваме за да влијаеме на свеста и за да ние како примарни и одговорни за ѓубрето и сметот придонесеме да се намалат дивите депонии. Се надевам дека со текот на времето барем 1% од тоа што е моментално ќе ги намалиме“, додаде Јорданов.

Јорданов посочи дека оваа пролет ќе продолжат со расчистување во сите населби од градот за почист град Штип.

Ребека Спасова М-Нет