
Лимитот на повратот за ДДВ, преку апликацијата „Мој ДДВ“ ќе се зголеми од следната година. Наместо најмногу 1.800 за едно тромесечје како досега, ќе може да се добијат до 2.100 денари за скенираните сметки. Ова го соопшти директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска, која на денешната прес – конференција мерката ја оцени како успешна, бидејќи во изминатите три години вратени се 4,2 милијарди денари кај граѓаните.
„Тоа се сериозни средства преку кои директно влијаевме врз подобрување на семејните буџети, зголемување на бројот на издадени фискални сметки, намалување на сивата економија и нелојалната конкуренција. Самата апликацијата е модерна и едноставна за користење, што придонесе за нејзината атрактивност и успех. Апликацијата стратуваше со 212.776 корисници, а денеска може да се пофалиме со близу 460.000 корисници на апликацијата. Најмногу скенирани сметки има на територија на Скопје, по што следат Штип и Битола“, истакна Лукаревска.
Најмногу скенирани сметки има од бензиските пумпи, мали и големи маркети, аптеки, продавници за облека и бела техника. Штип е еден од градовите од каде доаѓаат топ десет граѓани кои имаат скенирано најмногу скенирани сметки, а најголем број од корисниците се жени.
Најмногу сметки скенирале граѓаните во возрасната граница од 31 до 40 години, односно 177,3 милиони сметки. Лукаревска потенцираше дека заедно со министерот за финансии, Фатмир Бесими, ќе предложат измени во законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физички лица.
Ребека Спасова М-Нет