Министерството за внатрешни работи распиша меѓународна потерница по Александар Лазаров – „Цуната“, кој успеал да избега од полициска станица во Кочани. Станува збор за лицето кое, според сведочење во судската постапка за трагедијата во дискотеката „Пулс“, било препознаено како добро познатата криминогена фигура што продавала дрога во клубот, велат од Левица.
Додека во судската постапка сè повеќе се потврдува сликата за начинот на кој „Пулс“ со години функционирал под чадорот на институционалната неказнивост, додаваат од партијата, едно од имињата што се споменуваат во постапката им бега на полицајците.
„Судската постапка покажа дека „Пулс“ не бил само див клуб, туку симбол на целосен институционален распад. Газдата и неговиот син добивале информации за претстојни полициски и инспекциски контроли, а истрагата отвори сомнежи за вмешаност на полициски службеници, инспектори и други функционери кои наместо да го гонат криминалот, му обезбедувале заштита. Истовремено, во судницата беше посочено и дека „Цуната“ бил главниот дилер на дрога во клубот и дека „стално бил апсен, па пуштан“. После ваквите сознанија, бегството на „Цуната“ не може да е обичен, трапав пропуст“, велат од партијата.
Додаваат дека предупредувале дека Министерството за внатрешни работи е длабоко компромитирана институција.
„Токму затоа поднесовме интерпелација за министерот Панче Тошковски, посочувајќи низа системски пропусти, селективно постапување и отсуство на политичка одговорност. ДПМНЕ одлучи да го брани својот послушен министер по секоја цена. Ако човек чие име се споменува во судската постапка за „Пулс“ како добро познат наркодилер кој со години продавал дрога во клубот, може да избега од полициска станица, тогаш Панче Тошковски има само две можни објаснувања. Или МВР е целосно нефункционално, или криминалната мрежа што со години го штитеше „Пулс“ сè уште има свои луѓе во системот. Трета опција нема. По Кочани, ДПМНЕ ветуваше дека ќе ја демонтира криминалната мрежа која со години функционирала под институционална заштита и дека сите виновници ќе бидат изведени пред лицето на правдата. Но, бегството на „Цуната“ покажува нешто сосема друго – дека наместо демонтажа на системот, ние повторно гледаме институции кои не можат или едноставно не сакаат да се пресметаат со криминалот“, велат од Левица.
Текстот Левица: Бегството на „Цуната“ не може да е обичен, трапав пропуст е превземен од МАКФАКС.