Кризен штаб Виница: 67 лица во самоизолација, заболени нема

Во Општина Виницазасега нема евидентирано лица заразени со Ковид 19, но 67 се во самоизолација. Досега полицијата евидентирала 2 отстапувања од самоизолација за што се поднесени соодветни пријави. Поднесени се и две кривични пријави за непочитување на полицискиот час после 21 .00.

Во Здравствен Дом – Виница на располагање се девет лекари во итната медицинска помош кои ротираат во смени, и за кои се набавува соодветна заштитна опрема, адаптирано е едно возило како и просторија за прием на лица со Ковид 19…..сите термини се откажани, а со матичните лекари се контактира само телефонски.

Центарот за Јавно Здравје – Кочани од вторник има отворено пункт за скрининг тестови за Ковид 19, а се тестираат лица со претходен упат од матичните лекари. За три дена извршени се 15 тестирања и сите биле негативни.

Општинската организација на Црвен Крст – Виница работи со 12 волонтери кои имат поделено 28 пакети со храна и хигиенски средства на социјално загрозените фамилии, а поделени се и 300 маски , како и собрани 35 крвни единици. Делењето помош ќе продолжи согласно потребите на лицата од ранливите категории, како и на постари лица кои живеат сами.

ЈКП “Солидарност“ континуирано врши дезинфекција на улиците низ градот и селата, а погребите во договор со црквата се вршат без собирање во капелата и во присуство на членовите на потесната фамилија на покојникот.

Општина Виница во моментот не работи со странки, но за сите битни и неодложни работи, граѓаните ги имат на увид телефоните и мејловите на раководните лица во институцијата за контактирање и решавање на проблемите.

Во случај на потреба од изолација на нашите граѓани кои ќе дојдат од странство, општината има адаптирано простории за прифаќање на овие лица во 14-дневна изолација.

Општина Виница како социјален пакет мерки континуирано ги исплаќа барањата за еднократна помош за социјално ранливи категории со средства од општинскиот Буџет.