
Кошаркарската екипа на Крива Паланка се закити со титулата есенски шампион во Првата А лига на Македонија, по впечатливите победи на секој натпревар, со особено значајна победа над актуелниот шампион Баскет Кам од Македонска Каменица со 70:54.
Во првото коло, кошаркарките на Крива Паланка ја совладаа екипата на Патриот од Делчево со висок резултат од 86:112. Веќе во следното коло на домашен терен, го победија Пробаскет од Кавадарци со убедливи 117:45.
Третото коло беше некое помалку извесно, со победа на Крива Паланка против Вардар од Скопје со 96:98, играјќи како гости. Четвртото коло беше слободно за оваа екипа.
Најзначајната победа на есенската полусезона беше во 5. коло, кога Крива Паланка го победи актуелниот шампион Баскет Кам со 70:54. Во следното коло, екипата на Крива Паланка го победи МЗТ Скопје Аеродром со 68:104. За крај на успешната есен, кошаркарките на Крива Паланка го декласираа Бадел со 101:72, осигурувајќи си ја титулата есенски шампион.
Актуелниот шампион Баскет Кам е втор на табелата со учинок од пет победи и еден пораз токму од Крива Паланка и има 11 бодови. На третото место есенскиот дел го заврши тимот на Бадел со 10 бодови, Вардар е на 4. место со девет бодови, Патриот е на петтото место со осум освоени бодови, МЗТ Скопје Аеродром е претпоследен со седум бодови, а на дното е Пробаскет со шест бодови, како единствен тим кој нема победа, односно има шест порази од шест натпревари.
Александар Ванев, М-Нет