
Најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар засега е најактивен на трансфер пазарот, откако пред неколку дена го промовираше Словакот Михал Пинтер, сега го промовира Георгие Јанкулов од Брера Струмица како второ зимско засилување.
23-годишниот Јанкулов игра на десната бековска позиција, а може да комбинира и како лев бек и ќе претставува квалитетно засилување за Вардар, кој во пролетниот дел ќе треба да прикаже значително добра игра во однос на есенскиот дел, ако сака директен и сигурен опстанок.
Во својата кариера Јанкулов има настапувано покрај за Брера и за Силекс и Борец во македонскиот шампионат, а во Србија за Железничар од Панчево и младинската школа на Црвена Звезда од каде и потекнува.
Јанкулов ги има поминато сите младински селекции во репрезентацијата на Македонија, во Прва лига досега има забележано 84 настапи во кои има постигнато 3 гола и 11 асистенции.
Вардар е во долниот дел од табелата со 13 бодови, а пролетниот дел го отвара против Шкендија на домашен терен.
Александар Ванев, М-Нет