Креативната штипјанка Сара Пановска освојува награди со виолина, молив и хартија

Младата штипјанка Сара Пановска активна на полето на ликовната и музичката уметност. Креативноста ѝ била единствената наклонетост кон која целела изразувајќи се. Тоа било нишката – водилка за да почне да се истакнува со своите таленти.

„Моите почетоци беа уште во основно образование. Креативните предмети многу повеќе ме привлекуваа од оние класичните, особено музичко и ликовно. Секогаш сакав својата креативност да ја истакнувам преку самите предмети. Мојата љубов кон музиката исто така почна како и кон ликовната уметност, од основно образование. Испадна случајно. Јас сакав дополнително да си го исполнам времето и покрај училиштето. Па во виолината најмногу се пронајдов и мислам дека таа ми е основа за да можам да ја развијам креативноста во другите сфери на уметноста“, рече младата артистка.

Инспирација за цртањето ѝ се насмевките на луѓето околу, задоволни од она што таа со љубов го црта за нив. Тоа освен што ја исполнува нејзе, им дава и посебен шарм на цртежите.

„Со оглед на обврските кои ги имам со училиштето, претежно цртам само по нарачка. И, искрено, мојата инспирација ја пронаоѓам во моите клиенти, затоа што тие секогаш имаат позитивна критика и мене ми е многу мило што можам уметноста да ја подарам, а тие потоа да ја подарат на сите најблиски“, додаде Пановска.

За цртежите Сара се фокусира и продлабочува целосно, што е основната причина зошто ја избрала молив техниката.

„Можам многу детали да дадам на ликот и да го доловам тој внатрешен карактер којшто може да се долови преку една слика“, истакна таа.

Сара не може да се одлучи за тоа што ѝ е поголема пасија. Вели дека и виолината и цртежот се еден посебен продукт кој особено ја исполнува и прави среќна.

Досега таа има учествувано на многу натпревари, манифестации и настани и има добиено многу награди. Благодарна е за секоја од нив и вели дека не може да посочи најважна. Но она коешто било актуелно во блиско минато е наградниот конкурс „Калиопи – фан арт“.

„Од виолина уште во основно образование учествував на многу натпревари, а исто така и во средно. За цртањето можам да кажам дека минатата година учествував на „Калиопи – фан арт“. Калиопи организираше натпревар во повеќе сфери на уметноста и добив таму второ место. Наградата ми е да се запознаам лично со неа и ќе учестувам на претконцертни активности“, посочи таа.

Сара се надева дека во блиска иднина ќе успее да се изрази со авторски проект од поголемо значење, кој ќе биде комбинација од нејзините две пасии.

Ребека Спасова МНет