
Репрезентацијата на Македонија У – 21 ја очекуваат квалификациски настапи за Европското првенство во 2023 г. кое ќе се одржи во Романија и Грузија. Новиот селектор Драган Канатларовски веќе ги повика играчите на кои смета во септемвриските натпревари а меѓу нив се и двајца играчи на Брегалница, Јован Манев и голманот Давид Денковски. Селекторот Драган Канатларовски можеше да се забележи на трибините на „градски“ во Штип во т.н. мисија за следење на формата на двајцата играчи на Брегалница и очигледно задоволен од нивниот настап ги повика во дресот на репрезентацијата У – 21. Македонската селекција на 2 септември во Ле Mан ќе се сретне со врсниците од Франција а на 7 септември на спортскиот центар „Билјанини извори“ во Охрид за противник ќе ја има соодветната селекција на Србија. Во овој нов циклус, нов е и селекторот Драган Канатларовски кој очекува продолжување на успешните настапи на оваа селекција и за таа цел интересно тој повика двајца играчи дури од далечната Австралија. Тоа се одбранбениот играч Метју Божиновски од Мелбурн и напаѓачот Стефан Чолаковски исто така од Мелбурн со што покажува и докажува дека на неговиот „радар“ се добродојдени сите оние играчи кои со своите игри се кадарни за облекување на националниот дрес.
Драги Герасимов – Пушка Mnet.mk