Кочанчани уште дишат загаден воздух, од „Одбор за здрав живот“ со проект за мерни станици

Продолжуваат апелите до надлежните за чист воздух во Кочани. Од невладината организација „Одбор за здрав живот во Кочани“ велат дека најмалку што можат да направат е да ја известуваат јавноста и да ги притискаат надлежните да ја вршат својата работа. Сепак, на предлозите од нивна страна позитивен одговор сѐ уште нема, а кочанчани дишат сѐ позагаден воздух.

„Да, според мерните станици и според официјалните податоци, Кочани понекогаш се наоѓа во пикот, можеби, и најзагаден во Македонија, понекогаш е во првите, но секако состојбата со загадениот воздух не е многу променета. Можеби, за нијанса, но не би се сложил ни со тоа. Мислам дека и минатата година и пред две години беше идентична состојбата. Нешто драстично не е променето“, истакна Зоран Тодоров од организацијата.

Пријави од граѓаните за загадувачи и понатаму се доставуваат до нив, што покажува дека ветувањата за стабилизирање на ситуацијата не се реализирале во практика. Освен индустриските компании, дивите депонии и палењето стрништа се огромен проблем за здрав живот во Кочани. За решавање на истите до Општината понудиле проект за три мерни станици.

„Ние дадовме и еден предлог на Општина Кочани порано, се надевам дека сега и новиот состав ќе го прифати. Тоа е да се направи еден проект во кој ќе имаме три мерни станици со еден голем билборд на кој ќе има во живо каков е квалитетот на воздухот во Кочани од три позиции. Тогаш сите дилеми околу тоа кој е загадувачот и во кој дел е загадувањето ќе бидат разрешени. Во секој момент, секој граѓанин точно ќе знае каков е квалитетот на воздухот и што може да очекува во следниот период. Освен загадувачите, на тој начин ќе видиме и дали дрвото за огрев прави проблеми, дали во дел од градот наместо дрво гори пластика или некои други материјали. На тој начин ќе разрешиме многу дилеми и проблеми. Тоа ќе го предложиме, а веќе и имавме контакти со компанија која би сакала еден дел и да донира за да се реализира овој проект, кој и не е премногу скап за една Општина“, додаде Тодоров.

Претходно, во Кочани имаше иницијативи за почист воздух со што фабриката „Пејпер мил“ се сметаше за најголем загадувач. Во март годинава на оџаците на оваа фабрика беше поставен вреќест филтер кој требаше тројно да ги подобри параметрите на штетни емисии во воздухот, но по дефектот на истиот од фабриката пред нешто помалку од три месеца рекоа дека очекуваат нови делови за истиот.

Ребека Спасова МНет