Дождот не ги спречи екипите на ЈП „Исар“ – Штип и денеска да спроведат еколошка викенд – акција

Еколошките викенд – акции во Општина Штип продолжуваат. Лошите временски услови и дождот не ги спречија екипите на ЈП „Исар“ и денеска да излезат на терен и да собираат отпад и смет. Таргет беше локацијата од Радански пат до Мирјанина црква, која е една од мини депониите за која и претходно беше истакнато дека ќе биде приоритет.

„Денес ЈП „Исар“ и покрај лошите временски услови продолжува со своите зацртани цели и акции. Денес сме на потегот од Радански пат до Мирјанината црква. Како што кажав, поради лошите временски услови денес сме овде само со механизација, а нашите екипи со механизацијата ќе исчистат колку дозволува времето и теренот. Во наредните денови ќе продолжиме и физички со нашите работници. Ќе се собере целиот смет и овие мини – депонии на овој потег. Како што кажав, нема да не спречат лошите временски услови да продолжиме со нашите акции, до Нова Година секоја сабота, секој викенд ќе продолжиме работно да ги исчистиме сите мини – депонии за нашите граѓани да можат во овој дел да се рекреираат, да шетаат и да уживаат. Продолжуваме понатаму, апелирам до граѓаните да пријавуваат мини – депонии, големи депонии и потези каде што има смет за нашите екипи да можат бргу да реагираат и да ги исчистат“, истакна директорот, Трајче Здравков.

Ова е седма по ред еколошка акција во која се чистат мини депониите во населбите низ Штип. Претходно вакви акции се спроведуваа во населбите Караорман, Баби, Пребег, Железничка, Балканска и Три чешми, а акциите продолжуваат и во наредниот период сѐ додека дозволуваат временските услови. Исто така, граѓаните имаат можност да пријавуваат мини депонии, а екипите од ЈП „Исар“ ќе работат на расчистување на истите.

Ребека Спасова МНет