
Кочанското комунално претпријатие „Водовод“ последниот месец добило сметка за електрична енергија од 13 милиони денари. Проблемот да се реши со штедење не може, вели првиот човек на општината, а барањата на комуналните претпријатија никој не ги разбира. Сепак, обврска на градот е да ги снабдува граѓаните со вода, да го собира сметот, да обезбеди топли училници и да го одржува јавното осветлување. Кога ова би продолжиле да го прават без никаква помош, сигурно, ќе стигнат до колапс, додава Папазов.
„Ваков проблем со штедење не може да се реши. Веројатно, ќе треба да се помогне од повеќе страни. За жал, на барањата на сите комунални претпријатија не наидоа на разбирање. Ние како Општини може да направиме сѐ што можеме максимално, но не можеме да го решиме ова. Мора системски со одлука на државата да се помогне за надминувањето на овој проблем. Ние не можеме да се водиме од бизнис логиката“, вели Папазов
Кочански „Водовод“ нема да ја зголеми цената на ѓубрарината, ниту, пак, ќе воведе некакви рестрикции во транспортот и депонирањето на смет. Меѓутоа, како што додава Папазов, ако Регулаторната комисија не дозволи зголемување на цените кои се во нивна надлежност или, пак, ако нема намалување на цената на струјата за претпријатијата, со ваквите приходи, сигурно, ќе бидат доведени во пропаст.
„Не би требало, заради тоа што имаме доволен број возила. Влијанието на висината на цената на горивата не е толку важно во утврдената цена за транспорт и депонирањето на сметот, не учествува значително. Ќе можеме оваа услуга да ја даваме редовно. Сепак, станува збор за претпријатие кое има повеќе дејности и сите тие ограничувачки ќе делуваат и во собирањето на сметот“, додава Папазов.
Комуналните јавни претпријатија преку Здружението АДКОМ на последната дебата со претставници од Владата и Регулаторна бараа да плаќаат струја по единствена цена од 5,28 денари, како што плаќаат физичките лица во Блок 3 или како финансиска помош од државата да се покријат разликите со високите сметки за електрична енергија. Но барањата сѐ уште не се прифатени.
Ребека Спасова М-Нет