Арсими е подготвен за првиот меч на домашен терен како прволигаш, Вардар сака триумф на незгодниот терен во Кавадарци!

Утре се отвара второто коло во Првата македонска фудбалска лига со два натпревари. Екипата на Арсими која е дебитант во фудбалската елита на Македонија утре како прволигаш го првиот натпревар пред својата публика.

Чегране е мобилизирано, навивачите се подготвени, градскиот стадион во Гостивар ќе биде исполнет до последното седиште за премиерниот прволигашки натпревар на Арсими на домашен терен.

Тимот од Чегране ќе се соочи со поранешниот двократен македонски шампион Струга Трим Лум, а кој меч ќе започне во 17 часот.

Арсими новата сезона ја отвори со реми против Башкими во Куманово откако одигра 1:1, а сега пред својата публика каде ќе има силна подддршка од трибините „жолто-црните“ ќе сакаат триумф кој би бил прв историски за нив.

Од друга страна стружани одлично ја отворија сезоната откако со 2:0 на домашен терен го добија тимот на Македонија ЃП и со победнички старт Струга ќе сака нова победа и против Арсими, но во Гостивар ќе биде тешко и неизвесно.

Во Кавадарци ќе се соочат Тиквеш и актуелниот освојувач на Купот на Македонија, екипата на Вардар, во соочување кое секогаш го полни стадионот со навивачи и ја прави атмосферата да биде фантастична.

Тиквеш тргна со реми без погодоци против Работнички на својот терен, а сега ќе бара прв сезонски триумф против Вардар, а од друга страна најтрофејниот клуб новата сезона ја отвори со убедлива победа од 4:1 над Пелистер во „вечното дерби“ кое се одигра во Скопје под рефлектори.

Вардар кој играше и во квалификациите за Конференциската лига на УЕФА, а беше елиминиран во второто коло е во одлична победничка форма, која ќе треба да ја потврди и на незгодниот терен во Кавадарци. Натпреварот започува во 17 часот.

Во сабота ќе се одиграат два натпревари, Македонија ЃП против шампионот Шкендија, Работнички против Башкими. Во недела ќе играат Шкупи со Силекс, а пак во понеделник колото го затвараат Брера Струмица и Пелистер.

Александар Ванев, М-Нет