
Нема потреба од дополнителни превентивни мерки, одлучи Комисијата за заразни болести. На денешниот состакот било дискутирано за моментната состојба со Ковид – 19, но заклучокот е дека и покрај растот на бројките, земјата се наоѓа во зелена зона.
„Во однос на тоа дали ќе има нови мерки, спомнавме и на почетокот, епидемиолошката состојба согласно со сите параметри, меѓу кои најважните се бројот на хоспитализирани, бројот на слободни болнички кревети и бројот на починати, сѐ уште нѐ става во зелената зона. Хоспитализацијата во моментов на Клиниката за инфективни болести е само за 16 пациенти како метода применета, имаме девет пациенти коишто се на кислородна поддршка и сметаме дека системот сѐ уште има голем простор за да се пополни тој дел. Нема потреа од дополнителни превентивни мерки“, информираше д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на КЗБ.
Комисијата за заразни болести смета дека притисокот е најголем врз матичните лекари, поради што ќе се отворат и четири амбуланти на територија на град Скопје.
Во меѓувреме, новата ковид статистика покажува 788 нови заразени со коронавирусот, што е 48% од направените тестирања, вкупно 1.631. Од вкупниот број позитивни, 191 се реинфекции, а 541 пациент се оздравени. Две лица починале во изминативе 24 часа, а уште две се пријавени преку системот Мој термин. Во истокот бројот на активни ковид случаи е 137, а од денес ниту една општина од истокот не е без ковид – случаи.
Досега во земјата се направени вкупно 2.104.009 тестирања на КОВИД-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 321.386, бројот на оздравени пациенти е 308.199, на починати е 9.349, а бројот на активни случаи изнесува 3.838.
Ребека Спасова М-Нет