Комедијата „Власт“ утревечер премиерно ќе се игра на сцената на штипскиот театар

Текстот „Власт“ на Бранислав Нушиќ во рамки на проектот „Нушиќ – наш современик“ утревечер ќе се постави на штипската театарска сцена. Текстот на Нушиќ како врвен комедиограф во Штип ќе се гледа по речиси петнаесетина години откако претходно се играше неговата „Нажалена фамилија“. Третата премиера годинава на Театарот во Штип е комедија под режисерската палка на Ѓорѓи Ризески, а во истата играат осум актери.

„Мило ми е што ја работиме „Власт“ од Нушиќ, бидејќи неговите дела се апсолутно актуелни и ден денес. Тоа е последно дело на Нушиќ и да речам, можеби, најзрело, бидејќи колку повеќе твори, толку повеќе се истакнува неговиот квалитет. Тоа е недовршено дело и ние не го буквално довршивме, но имавме една наша креација и мислам дека тоа ќе се почувстува во претставата“, вели режисерот Ризески.

Според актерите, станува збор за актуелна приказна, а пренесува и голема порака, зашто ги вклучува емоциите на сите. Ги поканија штипјани да уживаат во претставата.

„Самата приказна „Власт“ не само што е актуелна и не дека тоа е тоа што ќе ја вози претставата, туку емоциите внатре коишто се случуваат. Секој еден од нас кога ќе се најде во таква ситуација, кога негов близок се наоѓа на власт, сѐ се менува. И тоа толку боли, бидејќи знаеме дека има еден куп проблеми. Со ова може да го кажеме и нашиот став гласно и јасно“, потенцира актерот Ефтим Трајчов Ѓаурски.

„Навистина е чест и задоволство да се учествува во едно вакво дело режирано од еден прекрасен млад режисер. Јас гарантирам дека публиката ќе ужива во претставата“, додава актерот Милорад Ангелов.

Претставата „Власт“ е проект со кој се завршува полусезоната на НУЦК „Ацо Шопов“ во Штип. Во истата учествува голем тим, од кој дел се и невработени актери избрани преку аудиција. Директорот Горан Трајков е со став дека на ваков начин се подобрува квалитетот и се задоволува потребата за млади актери.

По утрешната премиера, претставата „Власт“ ќе има уште две репризи, на 20. и 28 јуни. Претставата почнува од 20:00 часот, а влезницата чини 300 денари.

Ребека Спасова М-Нет