
Матурантите денес го полагаат вториот дел од државната матура, изборниот екстерен предмет. Од штипските средни училишта, само во Гимназијата „Славчо Стојменски“ полагаат речиси 150 средношколци, а според директорката Весна Ристова, таму полагањето се одвиваше во најдобар ред.
„Денеска е втор дел од полагањето на државната матура. Во Гимназијата одвивањето на вториот дел започна навремено. Учениците дојдоа навреме и сѐ започна во најдобар ред. Овој ден кај нас се полага математика, германски и англиски јазик. Англиски јазик полагаат 119 ученика, 19 полагаат математика и осум германски јазик“, истакна Ристова.
Резултатите од двата екстерни предмета се очекува да бидат објавени најдоцна за 30 дена. Оние коишто нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе имаат втора можност во августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 10 и 12 август. Сепак, средношколците се задоволни од полагањето.
Според Државниот испитен центар, од вкупно 15.899 кандидати, 14.320 го пријавиле англиски за изборен екстерен предмет, 1.231 полагале математика, а 118 германски. Триесет кандидати има а тестот по француски јазик, 10 за руски јазик, 15 полагаа филозофија и 100 кандидати се пријавени за естетика.
Од вкупниот број 15 899 пријавени, 7135 матуранти се од гимназии, 8504 од стручни и 260 од уметнички училишта.
Првиот испит по мајчин јазик и литература, кој е задолжителен, матурантите го полагаа на 4 јуни.
Ребека Спасова М-Нет