
Втор ден без починати ковид – позитивни лица во штипската болница, но едно лице починало во кочанската. Имено, во КБ – Штип има 43 ковид – позитивни пациенти, од кои 40 се на Инфективното одделение, а три на Кожното. Од нив, со потешка клиничка слика и на кислородна поддршка се 38, а вакцинирани се 12 лица. Оздравени и испишани се три лица, а четири се новопримени. На Инфективното одделение има 18 слободни места, а на Кожното – седум, информира портпаролот на КБ – Штип, Марина Шуманска.
Кочанската болница е без нови приеми на ковид – позитивни пациенти, но има еден оздравен и испишан пациент, како и едно починато лице. Вкупниот број хоспитализирани е 11, а од нив четири лица се вакцинирани и три се на кислородна поддршка. На Интерното одделение кое работи како ковид – оддел слободни се 16 места, информираат од болницата.
Според податоците од Институтот за јавно здравје, во последните 24 часа регистрирани се 473 нови случаи на Ковид – 19, што е 17% од вкупниот број направени тестирања. Во градовите од Источниот регион најмногу се од Штип – 13, а најмалку во Пехчево – само еден.
Оздравени, пак, се 505 пациенти. 18 во Кочани, 11 во Берово, седум во Штип, пет во Виница, два во Пробиштип и еден во Пехчево.
Починале 14 лица на возраст од 66 до 93 години, од кои 13 во болнички услови, а едно во домашни услови.
Бројот на активни случаи во градовите од Источниот регион е намален за 15 за разлика од вчерашниот ден и има 794 активни случаи на Ковид – 19. Од нив сѐ уште најмногу во Кочани – 204, а бројот е трицифен и во Штип и Делчево. Пехчево, пак, сѐ уште е најдолу по број на активни случаи. Таму има 14 ковид – позитивни лица, што е за две помалку од вчера.
Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 213.779, бројот на оздравени пациенти е 197.998, починале 7.492 лица, а бројот на активни случаи во моментов изнесува 8.289.
Ребека Спасова МНет