Катастрофа за Штип е прекинот на финансирањето на новата КБ Штип, смета Јорданов

Прекинато финансирањето од Европската Банка за изградбата на новата Клиничка болница во Штип. Речиси 14 милиони евра, што е околу половина од парите, нема да се бидат исплатени поради бавната реализација на проектот. Со документ од ЕБ излезе претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоси, а дека таков документ има потврдија и од Министерството за здравство. Според Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, ова е катастрофа за Штип, предизвикана од неспособноста на актуелната Влада.

„Тоа што и досега го коментиравме, неспособноста на Владата излезе на виделина. Заради непрогресивната изградба на КБ од 2017 година до денес, е прекинато финансирањето од ЕБ на овој круцијален проект за целиот Источен регион. Во здравствена криза, во финансиска криза се прекинати финансирањата за реализација на овој проект на штета на сите граѓани на цел Источен регион. Ова е катастрофа за Штип, затоа што проектот беше започнат од претходната Влада, а заради неспособноста на оваа Влада, истиот е прекинат со финансирање. Јас се надевам дека што поскоро, по заминувањето на оваа Влада, проектот ќе биде продолжен, финансиран и завршен“, истакна Јорданов.

Крајниот рок за изградба на новата Клиничка болница во Штип повеќепати беше пролонгиран. Изградбата беше стопирана поради нерасчистени односи помеѓу изведувачот и подизведувачот. Од здравство велат дека Министерство за финансии работи да се најдат пари од други извори. Сепак, се предвидува процесот на изградба да продолжи откако ќе заврши спорот.

Ребека Спасова МНет