
5,6 милиони евра во 2021 година Општина Штип и штипските јавни претпријатија вратиле на граѓаните преку јавни набавки. Меѓутоа, планот за јавни набавки бил менуван дури 11 пати во Општина Штип, а поништуван бил секој трет тендер на ЈП „Исар“ и секој четврти тендер на Општина Шип и ЈП „Стипион“. Единствено Општина Штип во 2021 година транспарентно објавувала за склучените и реализираните договори, ЈП „Исар“ известувала за склучен, но не и за реализиран договор, а ЈП „Стипион“ немало ниту веб – страница.
„Ние во изминатиот период подготвивме извештај за мапирање на ризиците од корупција во јавните набавки во Општина Штип и во локалните претпријатија. Детектиравме слабости во скоро сите фази на изведување на постапки во јавните набавки, тоа се честите измени на плановите за јавни набавки и недоследност на истите“, вели Христина Начева од ЕХО.
Најмногу тендери со само една понуда има ЈП „Исар“, каде таков е случајот во 28% од тендерите, на второ место е Општина Штип каде 18% од тендерите имале само една понуда, а на трето место е ЈП „Стипион“ со 8%. Со бројот на склучени договори и нивната вредност доминира една иста фирма, и тоа кај Општина Штип со дури 27%, а кај ЈП „Стипион“ со 22%. Најголем број жалби од страна на фирмите во 2021 година се доставени во однос на тендерите спроведени од Општина Штип, но само пет, а за ЈП „Исар“ само една жалба.
Истражувањето за мапирање на ризиците од корупција во јавните набавки во Општина Штип и јавните претпријатија е изготвено од страна на невладината „ЕХО“ со поддршка од уште неколку организации.
Ребека Спасова М-Нет