Изложбата „И јас сум тука“ со приказни на лицата со попречености синоќа отворена во Штип

„И јас сум тука“ е насловот на изложбата на фотографии која синоќа беше отворена во „Галерија 22“ при Центарот за култура „Ацо Шопов“ во Штип. Aвторите Сребра Ѓорѓијевска и Тоше Огњанов велат дека изложбата е кохезија на приказни на лицата со посебни потреби и вклучува дваесет лица од повеќе градови од државата со чија активност е креиран резултатот кој вечерва низ фотографии и новинарски приказни беше презентиран пред публиката во Штип. Освен изложбата, промовирана беше и книгата која го носи истиот наслов, а која, всушност, ги содржи приказните на учесниците.

„„И јас сум тука“ е едно големо патување и за нас. Се роди од потребата да зборуваме гласно за луѓето што се меѓу нас, а кои понекогаш се правиме дека не ги гледаме, ниту сакаме да ги слушнеме. Да зборуваме гласно и без грутка во грлото за луѓето што само сакаат да бидат поздравени, почитувани, сакани, да бидат дел од целото. „И јас сум тука“ е можеби многу поважно патување за сите нас да се свртиме кон себе и кон другиот, да го погледнеме другиот и да му ја почувствуваме душата, која многу често е повредувана“ вели Ѓорѓијевска.

Огњанов вели дека преку фотографиите сакале да покажат дека и лицата со посебни потреби се дел од општеството, но и дека имаат што да покажот и да му помогнат на општеството.

„Она што го видовме кај сите нив е дека тие на општеството се обраќаат преку нивната насмевка. Верувам дека тоа е универзално кај секого и тоа ни беше фокусот да успееме да им помогнеме да опуштат, да стекнат доверба и во нас , а на некој начин и да стекнат доверба во општеството“, вели Огњанов.

Изложбата „И јас сум тука“ беше првпат претставена пред јавноста во ноември во Кинотеката на Македонија, а оттогаш ги посетила: Струга, Гевгелија, Богданци,Неготино, Кавадарци, Прилеп, Битола. „И јас сум тука“ е дел од проектот „Децата не се раѓаат со предрасуди“. Ова е проект кој во Шведска од 2014 година дал одлични резултати во борбата против предрасудите, а во Македонија се спроведува од 2020 година. Веднаш по отворањето на изложбата беше прикажан и документарниот филм „Модна ревија, популарен филм во Шведска.

Ребека Спасова М-Нет