
Украина и Русија имаат големо влијание врз суровинскиот и финалниот дел од исхраната, а ние сме увозно зависни, истакна универзитетскиот професор Љупче Давчев на денешниот настан „Биди економист“. Според него, поскапувањето на цените и производите на рафтовите е резултат на таа увозна зависност, што, секако, влијае на економијата.
„Двете земји коишто се во војна имаат големо влијание врз суровинскиот и врз финалниот од исхраната, бидејќи се едни од главните земји – извозници на основните продукти. Освен тоа, гледаме дека и другите земји коишто не се во војна, а извезуваат значајни суровински елементи од исхраната се штитат, или имаат забрана на извоз или имаат ограничени количини. Целото тоа влијае не само врз нашата земја, туку и на ниво на Европа, од економски аспект, односно се зголемуваат цените“, вели Давчев.
Како што додава Давчев, инфлаторниот притисок ќе продолжи и по конфликтот, зашто инфлација се очекуваше и без војната, која само дополнително ја зголеми и забрза. Според универзитетскиот професор, Влатко Пачешковски, пак, покачувањето на цената на енергенсите ќе го намали и странскиот капитал во земјава.
„Многу е рано да се прогнозира, но, најверојатно, имајќи предвид дека се случува воен конфликт на европско тло, Европската Унија, Руската Федерација и Украина ќе влезат во рецесија, што од друга страна со покачувањето на цената на енергенсите придизвикува дополнителна криза, која ќе го намали странскиот капитал во нашата земја. Ниту една национална економија во моментов не може да каже колку ќе го издржи тој притисок и треба да има преструктуирање преку владини мерки, а она што се прави е мошне успешно менаџирано да се ублажат консеквенциите и импликациите од Руско-Украинскиот конфликт врз националната економија на Република Северна Македонија“, вели Пачешковски.
Пачешковски посочи дека небезбедноста на земјите кои се надвор од НАТО најдобро ја почувствува токму Украина. На оваа тема, како конфликтот помеѓу Украина и Русија влијае врз економијата, се разговараше на денешниот настан „Биди економист“ на Економскиот факултет.
Ребека Спасова М-Нет